• Горан Упале

Еден ден откако прволигашот Воска Спорт официјално соопшти дека се повлекува од настапите во Првата македонска фудбалска лига, првиот човек на клубот, Нефи Усеини им се обрати на јавноста и навивачите на клубот и откри поради кои причини беше донесена ваква одлука.
Имено, сопственикот на Воска Спорт истакна дека потрошил стотици илјади евра од лични средства, а неговата идеја била да се изгради клуб кој ќе обединува.
„Од основањето на клубот Воска Спорт мојата идеја и онаа на моите соработници беше јасна - да изградиме клуб кој нè обединува и нè претставува достоинствено, како држава, како град, како албанска заедница, не само на оваа страна, туку и подалеку.
Како претседател на клубот инвестирав и потрошив стотици илјади евра од лични средства, без никаква поддршка од друга институција или поединец. Ова го направив со срце, со страст и со убедување дека градиме проект со кој сите Албанци ќе се фалат. И фактите сами зборуваат -за кратко време успеавме да станеме дел од ПМФЛ“, меѓу другото истакна претседателот на Воска Спорт и продолжи:
„Нашето деби во Првата лига беше историско и успешно, дури стигнавме и до финалето на Купот на Македонија, каде што само една победа нè делеше од освојување на голем трофеј за клубот, за Охрид и за сите други кои нè поддржуваа.
Но, втората сезона нè соочи со сосема поинаква реалност. Таму, ставовите кон нас почнаа да се менуваат. Почнаа да нè гледаат поинаку, не како фудбалски тим, туку како албански тим кој во нивните очи беше сметан за излишен во Првата лига. Нападите врз мене лично и врз клубот започнаа веднаш по почетокот на пролетната полусезона, точно во времето кога започнаа пресметките и „математиката“ за промоција и испаѓање.
Сепак, не застанавме. Заедно со моите колеги, го продолживме нашиот пат со чест и посветеност, борејќи се на секој натпревар со фер-плеј. Но нападите само се зголемија, а уште посериозна форма добија кога почнаа да бидат поддржани од новото раководство на ФФМ.
Дојде решавачкиот момент, каде што покрај постојаните неправди од судиите, нашиот клуб беше погоден со најстрогата можна казна, во најкритичниот момент од сезоната. Одлука која беше сè друго, но не само спортска.
Под овие услови, донесов тешка, но фер одлука да го повлечам клубот Воска Спорт од Првата лига. Немам намера да ги мачам чесните професионалци, фудбалерите, тренерите, техничкиот персонал со нерамноправна игра. Затоа што кога играш, но добиваш неправда за возврат, болката е многу поголема од кој било пораз на теренот.
Нашиот фудбал има потреба од инвеститори, но пред сè му е потребна фер конкуренција. Бидејќи убавината на фудбалот не лежи само во парите или трофеите, туку во фер-плејот, почитта, напорната работа и потта што се дава подеднакво за сите.
Но, кога сето ова ќе се замени со одлуки донесени од канцеларијата, тогаш фудбалот ја губи својата смисла.
Како Албанец, никогаш не сум барал посебен третман, туку само еднаквост. Зборував на јазикот на фудбалот, а не на етничката припадност. Додека оние кои требаше да ги штитат правилата на играта, одлучија да нè напаѓаат и дискриминираат токму поради тоа кои сме!
Би сакал од срце да им се заблагодарам на сите соработници, тренери, играчи, технички персонал и сите други работници кои беа дел од Воска.“
Охридскиот клуб, според пропозициите, се сели во најнизок ранг на натпреварување, а сите натпревари до крајот на сезоната ќе бидат регистрирани со службени 3-0 за противникот.