• Саше Љолес
Фудбалерите на Унион Берлин успеаја да ја крунисаат успешната сезона во Бундеслигата и се пласираа во Лигата на шампионите по победата над Вердер Бремен со минимални 1-0.
Домашните долго се мачеа да го скршат отпорот на гостите, но сепак успеаја да дојдат до зацртаната цел, а таа беше важна победа во последното коло. Првите 45 минути не понудија преголеми возбудувања и се играше помалку претпазливо на двете страни, иако мора да се признае дека домаќините беа за нијанса подобар ривал. На паузата се замина со почетниот резултат, 0-0.
Во второто полувреме продолжи налетот на Унион Берлин, домаќините создадоа неколку зрели прилики за гол, а резултатот конечно го отвори Кедира во 81. минута, за експлозија помеѓу домашните навивачи. Ова беше и единствениот погодок на мечот кој заврши со минимална победа на тимот од главниот град на Германија со 1-0.
На овој начин Унион Берлин остана на 4. место се одбрани од налетот на Фрајбург кој загуби со Анјтрахт Франкфурт со 2-1 и следната сезона ќе настапува во Лига Европа. Ова е прво и историско учество во Лигата на шампионите за Унион Берлин, а навивачите ќе бидат во „транс“ следната сезона кога нивните миленици ќе настапуваат во групната фаза од елитата.
РБ Лајпциг славеше победа на домашен терен со 4-2 и на овој начин го потврди своето учество во Лигата на шампионите, а исто така го испрати и Шалке 04 повторно во втората Бундеслига.
Три гола беа видени уште во првото полувреме. Најпрво домашните поведоа со 2-0 преку Енкунку и Лаимер, а Шалке успеа да намали на 2-1 во 28. минута преку Камински. Лајпциг водеше на полувремето со резултат 2-1.
Вторите 45 минути донесоа поангажирана игра на тимот од Гелзенкирхен, но играчите на Шалке не успеаја да стасаат до сензационален резултат што ќе им обезбеди учество во елитата и следната сезона.
Гостите имаа искра надеж во 49. минута кога Орбан си постигна автогол и резултатот беше 2-2, но Лајпциг стави во најсилна брзина и до крајот со уште два гола го потврди триумфот. Поулсен и Енкунку со својот втор гол ставија точка на убедливата победа од 4-2, а тоа значеше дека Шалке се враќа во втората германска фудбалска лига.
Пласман во евро-куповите обезбедија Баер Леверкузен (Конференциска лига), Фрајбург (Лига Европа), а Унион Берлин, РБ Лајпциг, Борусија Дортмунд и Баерн Минхен се патници во Лигата на шампионите. Екипите на Штутгарт, Шалке 04 и Херта Берлин се нови членови на Цвајта, втората германска фудбалска лига.