• Саше Љолес
Екипата на Баерн Минхен не ја оправда фаворитската улога и ремизираше на гостувањето кај Унион Берлин со конечни 2-2 (1-1) во натпреварот од десеттото бундеслигашко коло. Со ова реми ставен е крај на новиот европски рекорд кој го постави Баерн Минхен - 16 победи на 16 натпревари во сите конкуренции од стартот на сезоната, па до сега.
- Унион Берлин - Баерн Минхен 2-2:
Данило Доехи донесе предност за Унион во 27. минута, но Баерн возврати со спектакуларниот погодок на Луис Диаз, кој стрелаше од мртов агол единаесет минути подоцна. На паузата резултатот гласеше 1-1, а во вториот дел домаќинот одигра храбро и не потклекна пред притисокот на фаворитот, што резултираше со нова огромна радост кај навивачите.
Се играше 83. минута, кога Доехи ја искористи мешаницата во шеснаесетникот и постигна втор гол откако лошо расчисти Англичанецот Хари Кејн. Баерн со сите сили притисна да се врати барем во егал, а тоа му успеа на Кејн, кој се „искупи“ за малата грешка претходно и погоди за 2-2 во 93. минута, носејќи бод за својата екипа.
РБ Лајпциг направи голем кикс на гостувањето кај Хофенхајм и загуби со убедливи 3-1, со што сега заостанува шест бода зад лидерот на табелата. Јан Диоманде донесе водство за гостите уште во деветтата минута, но потоа Хофенхајм со три гола ги откажа сите надежи на „биковите“.
Екипата на Борусија Дортмунд прими гол во последните секунди од мечот и се враќа само со еден бод дуелот со Хамбургер. Карни Чуквуемека стрелаше за 0-1 во 64. минута, додека домаќинот освои бод со погодокот на Рансфорд Конигсдорфер во 97. минута.
- Хамбургер - Борусија Дортмунд 1-1:
Најубедливиот триумф го оствари шампионот од пред две сезони, Баер Леверкузен, кој со огромни 6-0 го понижи тимот на Хајденхајм.
- Баер Леверкузен - Хајденхајм 6-0:
По два гола за „фармацевтите“ постигнаа Патрик Шик и Ибрахим Маза, а уште по еден запишаа Јонас Хофман и Ернест Поку. Со овој триумф, Баер останува на четвртата позиција со вкупно 20 бодови на своето салдо.











