• Саше Љолес

Сезоната во Англија штотоку заврши, Премиер лигата доби старо-нов шампион во името на Манчестер Сити, а годинава беа исто така поставени и срушени многу нови рекорди во најквалитетниот англиски фудбал.
Таков е случајот со дефанзивецот на Евертон, Џејмс Тарковски, кој ги одигра буквално сите 38 натпревари за „карамелите“. Повремениот англиски репрезентативец е единствен фудбалер на Островот кој целосно ги одигра сите можни натпревари, од првата до последната минута. Ако се тргнат настрана голманите, ова е нов рекорд на Премиер лигата и токму Тарковски ќе го држи во своја сопственост.
Тарковски може да игра како централен дефанзивец, но може да ја покрива и левата бековска линија, а оваа сезона ги одигра сите 3.420 минути за својот тим кој обезбеди опстанок во елитата во последното коло со минималната победа над Борнмаут. Евертон има сезона за заборав, но барем Тарковски ќе биде една „светла точка“ во тимот од Ливерпул, затоа што вакво остварување не се случува баш секој ден.
Дефанзивецот минатото лето пристигна во Евертон како слободен играч, а договорот му е со важност до 2026 година. Претходно, Тарковски шест сезони настапуваше за новиот повратник во Премиер лигата, екипата на Барнли, каде сезонава настапуваше македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов.