ВИДЕО: Унгарија ја среди Германија и не го дава врвот, Италија ја прати Англија во Лига Б!

Фудбалската бајка во Лигата на нациите продолжува за храбрата Унгарија која славеше на гостувањето кај Германија со 0-1 (0-1) и го задржаа првото место во групата 3. Избраниците на Марко Роси направија голем подвиг, со тоа ги завршија надежите на „панцерите“ за пласман на завршниот турнир, а Унгарците ќе играат директна пресметка со Италија за првото место. 

  • Германија - Унгарија 0-1:

На теренот на „Ред Бул Арена“ во Лајпциг, гостинска предност донесе искусниот напаѓач Адам Шалаи во 17. минута, откако беше проигран од Собослаи. Германците долго не успеваа да се наметнат и да направат вистински шанси. Мрежата на Унгарија се тресеше во вториот дел, ама голот на Вернер не важеше поради офсајд, а најголемата шанса на мечот ја имаше Мартин Адам и изнуди одбрана од Тер Штеген. Момците на Флик потфрлија и го загубија дуелот со расположениот противник. 

Во дербито на колото селекцијата на Италија ја совлада Англија со 1-0 (0-0) на „Сан Сиро“ и на коло пред крајот на натпреварувањето, ја испрати во Лига Б. „Гордиот Албион“ игра во ужасна форма, во Лигата на нациите на пет натпревари е без победа, со две ремија и три порази и само еден постигнат погодок. Во репризата на последното финале на Европското првенство се радуваа „аѕурите“ кои останаа во комбинација за првото место. 

  • Италија - Англија 1-0:

Првиот дел од средбата мина во знакот на израмнетата битка, а поблизу до предност беа домаќините. Најдобрата можност ја имаше Џанлука Скамака при удар со глава, но истиот го скроти Поуп. Предност за Италија донесе Џакомо Распадори во 68. минута. Играчот на Наполи доби перфектна долга топка преку цел терен од Бонучи, ја смири и се намести на удар, па ја испрати топката во спротивниот агол за 1-0. Англичаните притиснаа, се обидоа да се вратат и се закануваа преку Кејн и Грилиш, меѓутоа резултатски промени немаше. 

Со овие исходи на натпреварите, в понеделник на „Пушкаш Арена“ за првото место ќе се борат Унгарија и Италија, Германија со сигурност ќе биде трета, додека Англија шокантно патува во Лига Б. 

Во овој термин покрај победата на Бугарија над Гибралтар (5-1), се одигра и балканската пресметка меѓу Босна и Херцеговина и Црна Гора која заврши со домашен триумф (1-0). 

Состави

Роберто Манчини

4-3-3

    Герет Саутгејт

    4-2-3-1