Ули Хенес: Салихамиџиќ и Кан не добија отказ поради слабите резултати

Конечно во јавноста се појавија конкретни информации околу причината за отказот на Хасан Салихамиџиќ од функцијата спортски директор на Баерн Минхен. Еден од најважните луѓе во овој клуб, легендарниот почесен претседател, Ули Хенес, кој „од сенка“ го води баварскиот гигант, изјави дека Салихамиџиќ не добил отказ поради лошите резултати на тимот, туку главната причина била сосема друга. 

Баерн Минхен имаше сезона која навивачите ја протолкуваа како очајна, затоа што тимот успеа да го освои само трофејот во Бундеслигата, а претходно важеше за главен фаворит во Лигата на шампионите. Екипата испадна од елитниот ранг, потоа беше отпуштен тренерот Јулијан Нагелсман, а на негово место дојде Томас Тухел. 

Многумина веруваа дека отказот за Салихамиџиќ и Оливер Кан доаѓа поради резултатите, но сепак Ули Хенес изнесе информации кои говорат нешто сосема друго. Управата на Баерн Минхен била незадоволна подолго време, пред сè поради нерамномерниот развој на сите капацитети во клубот, од младинските школи и категори, па сè до првиот тим на баварскиот гигант. Тие неколку пати имале состаноци со Салихамиџиќ на кои биле предочени овие проблеми, но се чини дека Босанецот не успеал да ја заврши задачата на нивото кое било очекувано од него. 

Слична е ситуацијата и со поранешниот голман Оливер Кан, кој исто така доби отказ пред последниот натпревар на Баерн против Келн. Ули Хенес изјави дека информацијата за отказот сакале лично да им ја соопштат на Кан и Салихамиџиќ и сакале да ги заштитат играчите од непотребна тензија и лоша атмосфера пред најважниот натпревар. Сепак, информациите протекоа во јавноста ден пред одлучувачкиот дуел, а на Оливер Кан дури му беше и забрането присуство на стадионот во Келн. Ова крена голема „прашина“ во Германија, но како што одминуваат деновите, се чини дека ситуацијата полека се нормализира. 

„И Оливер и Хасан малку излегоа надвор од своите ингеренции. На крајот се покажа дека нивната работа повеќе се сведува на нефудбалските теми, а тие впрочем требаше да се занимаваат најмногу со оперативните задачи на клубот. Сите заеднички решивме дека е време за прекин на соработката“, изјави Хенес за германските медиуми. 

Баерн Минхен сепак успеа да ја освои титулата во Германија и по единаесетти пат во низа го крена трофејот во Бундеслигата. Управата најави големи промени во играчкиот и управувачкиот кадар, а нов спортски директор најверојатно ќе биде Холанѓанецот Арјен Робен.