• Иван Димовски
Фудбалското првенство во Украина нема да се одигра, слично како и останатите спортски лиги во земјата. Во жарот на долгата војна по руската инвазија, сите сегменти на нормалниот живот во Украина запреа, па така и спортот.
Фудбалскиот сојуз на земјата најави крај на веќе суспендираното фудбалско првенство, без да прогласи првак за 2021/22. Шахтјор беше лидер во Премиер лигата со 47 бода до декември, а зад него беше Динамо Киев со два помалку.
Сепак, услови за фудбал нема и првенството е целосно суспендирано. Иако нема да се прогласи шампион, ранкингот од осумнаесет одиграни кола е конечен. Во квалификациите за Лигата на шампионите одат Шахтјор и Динамо Киев.
Овие два украински гиганти периодов се на турнеја низ Европа, каде што ќе одиграат по неколку пријателски натпревари од хуманитарен карактер.