• Горан Упале

Фудбалската селекција на Украина е следниот противник на Македонија во квалификациите за Европското првенство во Германија во 2024 година. Сергеј Ребров наскоро треба да биде именуван за нов селектор на Украина, а легендарниот фудбалер веќе ги избра играчите на кои ќе смета за последниот репрезентативен прозорец оваа сезона.
На неговиот список се најдоа 27 имиња, меѓу кои и премиерлигашките ѕвезди Мудрик и Миколенко, како и искусниот Андриј Јармоленко. Поради повреда надвор од конкуренција е асот на Арсенал, Зинченко, за кого сезоната е веќе завршена.
Украина во Скопје ќе гостува на 16 јуни, а потоа ја чека средба со Малта. Македонија, пак, во вториот јунски дуел ќе гостува кај фаворитот Англија.
Двете селекции досега одиграa по еден натпревар во групата Ц, Македонија има три бода по победата над Малта, додека Украина загуби од Англија.