• Иван Димовски
Репрезентацијата на Шпанија за играчи до 21 година се пласира во финалето на Европското првенство, совладувајќи ја Украина со убедливи 5-1 (2-1). Иако на „Стадионул Стеауа“ поведоа Украинците, „фуријата“ одигра одлично во продолжението и го декласира противникот, со што закажа финале со Англија.
По воведната шанса на Санцет, резултатот го отвори Артем Бондаренко, откако по асистенција на Мудрик стрела за 0-1 во 13. минута. Радоста на Украинците сепак не траеше долго, бидејќи само четири подоцна ривалот израмни. Абел Руис направи соло продор, па со добар удар го матира Трубин за 1-1. Веќе во 24. минута Оихан Санцет го комплетира пресвртот, па Шпанците поведоа (2-1).
Откако до одморот немаше погодоци, за комфортен втор дел се погрижи Антонио Бланко. Асот на Шпанија со одличен удар во 54. минута ја удвои предноста (3-1). Украина беше целосно индиспонирана и надиграна. Шпанците знаеја како да го искористат тоа, па преку Аимар во 68. дојдоа до 4-1. Во пресрет на последните десетина минути, ефектен гол даде Серхио Гомез, со многу ефе во спротивен агол за конечните 5-1.
Финалето на Европското првенство за играчи до 21 година меѓу Шпанија и Англија се игра в сабота во 18:00 часот.