• Сашо Поповски

Финалето на У20 Светското првенство во Полска помина во знакот на репрезентацијата на Украина, која првпат во својата историја се закити со шампионскиот трофеј. Европа четири шампионати по ред е победник на Мундијалито, откако претходно владетели до 20 години станаа Франција, Србија и Англија. Двете јужноамерикански сили Аргентина и Бразил и натаму остануваат недостижни на вечната листа.
Република Кореја имаше предност, но немаше сили за изненадување, па светскиот трон му го остави на противникот кој славеше со конечни 3-1 (1-1).
- Извештај од натпреварот:
Мечот започна со брз пенал за корејските фудбалери. Уште во втората минута главниот судија со помош на ВАР-технологијата покажа на белата точка. Успешен реализатор и стрелец на првиот погодок во финалето беше Кангин Ли (0-1).
Фаворитот на денешната средба од тој момент нападна и ја презеде иницијативата. На гол се израдува пред паузата кога стрелаше Владислав Суприаха. Тон снаодливо од свртување биеше со врвот на копачката и ја погоди корејската мрежа (1-1). Истиот фудбалер беше херој на Украинците кои ја најавија титулата со гол на стартот од второто полувреме (2-1).
Точка на одличните втори 45 минути стави Хеорхиј Цитајшвили, фудбалер со грузиски корени, со гол за конечни 3-1. Тој молскавично побегна во контра напад и со прецизна дијагонала ја затресе мрежата на азискиот првак. Корејските фудбалери еднаш ја погодија рамката од украинскиот гол, а голманот на Леганес, Лунин делуваше сигурно по ударите со глава на корејските напаѓачи.
Украина стана 11-та земја која го освоила младинското СП, а ја наследи репрезентацијата на Англија, која го чуваше трофејот од 2017 година. Следното У20 Светско првенство ќе се одржи надвор од Европа, веројатно во Јужна Америка или Азија, а одлуката ќе биде позната во октомври годинава на конгресот на ФИФА во Кина.