УЕФА се закани, дали финалето на ЕП ќе се пресели во Будимпешта?

Будимпешта

Легендарниот „Вембли“ во Лондон е местото каде ќе се одигра завршницата на овогодишното Европско првенство. Така стои во првичниот план на УЕФА, која сега се премислува, поради рестриктивните мерки во Велика Британија.

Странските државјани имаат потешкотии да влезат на британско тло, а тоа е голем проблем во очите на Европската куќа на фудбалот. Мерките би можеле да се испречат на присуство на 2.500 најавени ВИП гости и лицата кои се задолжени за организација на натпреварите.

Сите кои не се државјани на Велика Британија ќе бидат приморани да престојуваат во карантин. Иако веќе се прават исклучоци за натпреварите кои моментално се одржуваат во Лондон, загрижувачка за УЕФА е бројката која треба да биде дел од завршниот турнир во јули.

Тоа е причината поради која финалето во Лигата на шампионите не се одигра на „Вембли“. Порто доби шанса за организација, веднаш што беше јасно дека големиот натпревар нема да се одигра во Истанбул.

Според „Тајмс“, највисокото тело веќе подготвило алтернатива за организација на полуфиналните натпревари и финалето. Изборот е Будимпешта, единственото место во кое нема ограничување на капацитетот од 55.662 гледачи на трибините.