• Иван Димовски
Фудбалската репрезентација на Русија и официјално нема да учествува ниту во наредниот циклус на Лигата на нации, откако УЕФА ја изостави од списокот на учесници за следното издание на натпреварувањето.
На официјалната интернет страница на Европската фудбалска федерација е објавена листа од 54 репрезентации кои ќе настапат во Лигата на нации, како и нивниот распоред по групи, а меѓу нив повторно го нема името на Русија. Таа е издвоена од остатокот на Европа и поставена на крајот од списокот на национални тимови со напомена дека е „суспендирана до понатамошно известување“. Рускиот фудбал е под суспензија од февруари 2022 година и оттогаш клубовите и репрезентацијата не се натпреваруваат под капата на УЕФА, а истата одлука ќе важи и за петтото издание на Лигата на нации.
Сите европски фудбалски федерации, освен руската, добиле официјално известување од УЕФА за учество во натпреварувањето, што во суштина претставува покана на која треба да одговорат најдоцна до 9 јануари.
Од почетокот на суспензијата, репрезентацијата на Русија пропушти две изданија на Лигата на нации, едно Светско првенство, наскоро ќе пропушти уште едно, како и едно Европско првенство. Тоа дополнително ја продлабочува изолацијата на рускиот фудбал на меѓународната сцена.


