УЕФА потврди: Правилото за пет замени останува и за Европското првенство

На денешната видео конференција на УЕФА, беа донесени неколку одлуки во врска со продолжението од фудбалската сезона ширум Европа. 

Можеби главната и најважна е потврдата дека на Европското првенство, како и плеј-оф и плеј-аут дуелите од Лигата на нациите ќе бидат дозволени пет измени. Иако се сметаше дека тоа правило ќе биде сменето за континенталниот собир, Европската куќа на фудбалот потврди дека нема да има промени. 

Корона-кризата ги натера челниците на УЕФА да воведат реформи во фудбалот, а петте измени поради згуснатиот распоред се една од нив. На квалификациите за пласман на Мундијалот во Катар веќе се користи правилото за повеќе измени, па така ќе остане и оваа година во натпреварувањата на УЕФА. 

Покрај тоа, УЕФА реши да ја тргне забраната за присуство на најмногу 30% капацитет на навивачи на стадионите и дозволи секоја земја самостојно да одлучува на ова прашање. Сепак, останува забраната за гостински фанови, а ќе мора да се води грижа за здравјето на луѓето.