УЕФА потврди, Ангеловски со 26 играчи на ЕП – ќе смее и да го менува списокот!

Како што веќе беше најавено, УЕФА ја потврди информацијата дека на Европското првенство селекциите ќе смеат да водат 26 фудбалери. Наместо досегашните 23 играчи на листата, селекторот Игор Ангеловски ќе може да поведе плус тројца, за премиерниот настап на Македонија на континентален собир. 

Три фудбалери ќе фигурираат како резерви, а селекторите во официјалните протоколи ќе смеат да запишат 23 имиња. Оваа одлука доаѓа како превентива поради зачувување на интегритетот на тимот и натпреварувањето, а пред сè поради проблемите со коронавирусот. Иако фудбалерите се тестираат константно во своите тимови, за да се избегнат поголеми проблеми УЕФА дозволи повеќе имиња на списоците. 

Официјално, селекторот Ангеловски ќе мора да го приложи списокот до 1 јуни, но ќе смее да прави корекции до првиот натпревар на Македонија, секако доколку дојде до немили изостаноци на некои од репрезентативците поради повреди или болест. 

УЕФА донесе и ново правило за голманите, бидејќи се тројца селекциите ќе смеат да ги менуваат во случај на повреда или карантин поради ковид-19 и по стартот на Европското првенство. Сепак, ако еднаш еден од голманите отпадне од списокот, нема да може да се врати на истиот.