УЕФА поради Италија ги менува квалификациските правила

УЕФА, според информации од повеќе странски медиуми, одлучила да го промени правилото за домаќинство во финалињата на дополнителните квалификации за големите репрезентативни натпреварувања. Досега, домаќинот на финалниот натпревар од плејофот се одредуваше со ждрепка, што значеше дека и репрезентации од првиот шешир можеа решавачкиот меч да го играат на гости.

Според новиот модел, репрезентациите од првиот шешир треба да имаат загарантирано домаќинство и во полуфиналето и во финалето на плеј-офот. Со тоа дополнително ќе се наградуваат селекциите кои преку квалификациите и ранг-листата избориле статус на носители, а УЕФА ќе избегне ситуации во кои фаворитите играат клучни натпревари пред гостинска публика.

Промената доаѓа по циклусот на дополнителни квалификации за Светското првенство 2026, во кој некои носители останаа без предност на домашен терен во финалињата. Меѓу репрезентациите кои се најдоа во таква ситуација се Италија, Данска и Турција.

Најмногу се зборуваше за Италија. Четирикратниот светски шампион повторно не успеа да обезбеди  дирекен пласман на Мундијалот, а во плејофот остана без настап на Светско првенство третпат по ред. 

Оваа промена е дел од пошироките напори на УЕФА за реорганизација на репрезентативниот фудбал. „Гардијан“ претходно објави дека УЕФА разгледува и поголеми промени во квалификацискиот систем за европските и светските првенства, со цел да се намали бројот на неинтересни натпревари и да се зголеми бројот на дуели меѓу селекции со сличен квалитет. Една од опциите што се разгледува е прилагодување на системот по примерот на Лигата на нации, а таквите промени не би се примениле пред циклусот по Европското првенство 2028.