УЕФА покрена постапка против фудбалската федерација на Албанија

Европската фудбалска унија (УЕФА) покрена дисциплинска постапка против Албанската фудбалска федерација. Причините се влегувањето на терен и фрлањето предмети при поразот на Албанија од Италија (1-2) во натпреварот од првото коло од групата Б одигран во саботата во Дортмунд.

УЕФА, исто така, соопшти дека отворила постапка за палење факли од страна на албанските навивачи за време на натпреварот, како и за „пренесување провокативна порака несоодветна за спортски настан.

„Сакаме да нагласиме дека се преземени сите неопходни мерки за успешна организација на натпреварот.

Настанот беше празник на европскиот фудбал и не се случи поголем инцидент кој би ја расипал позитивната атмосфера“, рече потпаролот на Албанската фудбалска федерација.

Хрватска и Албанија в среда од 15:00 часот во Хамбург го играат натпреварот од второто коло од групата Б.