• Иван Димовски
Според информации на германскиот „Билд“, УЕФА планира да воведе три нови правила во Лигата на шампиони од следната сезона. Доколку се изгласаат како позитивни, овие правила можат да бидат потврдени на состанокот кој е закажан на 30 мај.
Трите најавени промени се доста интересни. Имено, Европската куќа на фудбалот размислува укинување на продолженијата, нешто што веќе беше најавено. Исто така, се зборува за доделување предност на домашен терен за најдобрите осум по лигашкиот дел, а најавена е и протекција за судири на клубови од иста земја.
- Пенали наместо продолженија
Во случај на нерешен резултат, директно ќе се изведуваат пенали. Повеќе би немало класични продолженија од 30 минути, а целта е да се намали заморот во пренатрупаниот календар.
- Предност на домашен терен за најдобро пласираните
Тимовите кои ќе завршат во меѓу најдобрите осум во лигашкиот дел би имале предност на домашен терен во четвртфиналето и полуфиналето. Во моментов тие имаат предност само во осминафиналната фаза.
- Заштита од дуели меѓу клубови од иста земја
Се размислува повторно да се воведе правилото според кое клубови од иста земја не можат да се сретнат меѓусебно пред доцните фази од натпреварувањето.
Промените имаат цел да ја направат Лигата на шампиони подинамична и пофер, а официјалната одлука ќе ја донесе УЕФА кон крајот на мај.