• Саше Љолес
Европската фудбалска унија (УЕФА) останува на ставот за бојкот на натпреварувањата под капата на ФИФА, бидејќи смета дека сè уште не се исполнети условите за подобрување на односите со Светската фудбалска организација и нејзиниот претседател Џани Инфантино.
Европската фудбалска унија порача дека само повлекувањето на предлогот за продажба на комерцијалните права на најголемите ФИФА натпреварувања не е доволно за промена на нивниот став.
„Нашите членки беа јасни - покрај повлекувањето на предлозите, потребни се и гаранции дека вакви обиди за нарушување на фудбалот нема повторно да се случат. Тие услови не се исполнети“, соопшти УЕФА.
Од европската куќа на фудбалот повторија дека довербата во раководството на Инфантино е изгубена и дека нивниот став не е променет.
Спорот меѓу УЕФА и ФИФА започна откако светската организација предложи продажба на комерцијалните права за најважните натпреварувања, но предлогот подоцна беше повлечен по силниот отпор од европските федерации.
Сепак, УЕФА ја доведе во прашање и поддршката што Инфантино ја доби од вработени во ФИФА, сметајќи дека нивните позиции зависат од раководството на организацијата.
Поради продолжувањето на бојкотот, неизвесно е учеството на европските репрезентации на следниот ФИФА турнир - Светското првенство за фудбалерки до 20 години, кое следниот месец ќе се одржи во Полска.


