• Саше Љолес
Европската фудбалска унија (УЕФА) и натаму планира натпреварот меѓу Аргентина и Шпанија да се одигра во Доха, иако постојат одредени безбедносни дилеми поврзани со ситуацијата на Блискиот Исток.
Станува збор за натпреварот познат како „Финалисима“, во кој се среќаваат актуелниот европски шампион, Шпанија, и шампионот на Јужна Америка, Аргентина. Дуелот е закажан за 27 март и првично беше планирано да се одигра на стадионот „Лусаил“ во главниот град на Катар, каде „гаучосите“ пред четири години по третпат станаа светски шампиони.
И покрај актуелните тензии во регионот и безбедносните прашања, од УЕФА засега не разгледуваат алтернативна локација. Европската куќа на фудбалот соопшти дека разговорите со локалните организатори продолжуваат и дека конечната одлука за одигрувањето на натпреварот ќе биде донесена во текот на следната недела.
Доколку безбедносната ситуација не дозволи натпреварот да се игра во Катар, можно е тој да биде преместен во некоја европска земја. Сепак, засега планот е спектаклот меѓу двете шампионски селекции да се одржи во Доха.

