• Саше Љолес
Лигата на шампионите ќе претрпи големи промени од следната сезона, сѐ со цел да го задржи интересот на големите клубови за настап во елитното натпреварување под „капата“ на УЕФА и да се откажат од идејата за формирање на таканаречената Суперлига.
Англиските медиуми пишуваат дека УЕФА би можела да излезе во пресрет и да го уважи барањето на неколку клубови кои очекуваат промени во сопственичката структура на клубовите, односно да се стави контрола над газдите или фирмите кои имаат во своја сопственост повеќе од еден клуб од ТОП-5 лигите. Во овој случај, проблеми би имал и Манчестер Јунајтед, кој му продаде акции на Џим Ратклиф, а британскиот милијардер е исто така сопственик и на францускиот клуб Ница.
Најверојатно ќе биде изнајдено соломонско решение и УЕФА нема да дозволи два клуба со исти сопственици да се соочат во првата фаза од натпреварувањето. На оваа тема се огласи и претседателот Александер Чеферин, кој изјави дека конечната одлука ќе биде наскоро позната.
„Не се работи само за Манчестер Јунајтед. Сѐ повеќе се зголемува интересот за купување клубови од фирми, лица и корпорации кои веќе имаат друг клуб во своја сопственост.
Има минимум 5-6 правни лица кои сакаат уште повеќе да инвестираат во фудбалот, но тоа може да зададе одредени проблеми. Или ќе останат постоечките правила, или ќе пробаме да го решиме „проблемот“ со полудиригирана ждрепка за првата фаза. Наскоро сѐ ќе биде познато“, изјави Чеферин.
Од следната сезона Лигата на шампионите ќе има вкупно 36 учесници, а сите клубови ќе бидат поделени во две големи групи, што дава можност за подолга и повозбудлива групна фаза од елитното натпреварување.