• Иван Димовски

Европското првенство во 2028 година ќе го организираат Англија, Шкотска, Велс, Ирска и Северна Ирска, откако Турците се повлекоа од трката. УЕФА се реши да направи измена од досегашните правила и истата треба да ја потврди во следниот период.
Имено, сега и репрезентациите домаќини ќе играат квалификации за турнирите, иако досега тоа не беше случај. Со исклучок на претходното Европско првенство кое се играше во 12 града, секогаш домаќините директно се пласирале на турнирот, а тоа се менува. Сите пет организатори ќе настапат во квалификацискиот циклус, но ќе има и едно олеснување.
Најдоброрангираните две селекции од домаќините кои нема да се пласираат на турнирот преку квалификациите, ќе добијат место на турнирот. Значи, на пример ако Англија, Шкотска и Велс обезбедат место, УЕФА ќе им додели нешто налик на „вајлд карта“ и на Ирска и Северна Ирска.
Секако, тоа ќе треба да биде на сметка на други две репрезентации кои би си го обезбедиле местото преку квалификациите. На пример, доколку Македонија заврши на првата или втората позиција во една група и биде меѓу најслабо рангираните кои обезбедиле „виза“ за турнирот, може да извиси. УЕФА мора да го потврди и разјасни овој сегмент, а тоа веројатно ќе се случи кога ќе се потврдат домаќините на Европското првенство во 2028 година.