УЕФА ќе му оддаде почит на „Кајзер Франц“ на отворањето на првенството

В петок со дуелот меѓу Германија и Шкотска ќе биде отворено Европското првенство во фудбал. Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека на воведниот натпревар ќе му биде одадена почит на легендата на германскиот фудбал Франц Бекенбауер.

Бекенбауер, еден од најголемите играчи на својата земја, беше капитен на репрезентацијата на Западна Германија која триумфираше на Европското првенство во 1972 година и на Светското првенство во 1974 година, а ја освои и титулата светски шампион во 1990 година како германски селектор. Легендарниот Германец роден во Минхен почина во јануари на 78-годишна возраст.

На церемонијата на отворањето, сопругата на Бекенбауер, Хајди, ќе го носи шампионскиот пехат „Анри Делоне“ во придружба на другите двајца германски капитени кои ја освоиле европската титула, Бернард Диц и Јирген Клинсман.