УЕФА ќе даде конечен извештај за хаосот пред финалето во ЛШ оваа есен

Париз

Овогодишното финале во Лигата на шампионите беше одложено поради нереди пред стадионот во Париз.

Фудбалерите на Ливерпул и Реал Мадрид истрчаа на теренот половина час покасно од предвидениот термин. Европската фудбалска унија (УЕФА) во изминатиот период правеше истрага за случувањата, а најави дека конечен извештај ќе даде оваа есен.

Француската полиција регистрираше повеќе од 100 апсења и 230 повредени за време на финалето во елитното клупско натпреварување. УЕФА го објасни хаосот со тоа што многу навивачи сакале да влезат на стадионот без валидни билети. Полицијата употреби солзавец, а времето на стартот беше одложено за повеќе од половина час.

Организаторите на натпреварот се извинија за проблемите и најавија детално разгледување на доказите. Тие ќе ѝ помогнат на УЕФА да го комплетира извештајот со кој што ќе се стави крај на сагата околу мечот во француската престолнина.