УЕФА казнува и во период на пандемија, Ајакс ќе плати за дивеењето на навивачите

Хетафе

Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе ја олесни касата на Ајакс поради однесувањето на навивачите за време на мечот со Хетафе во рамките од првата нокаут рунда од Лига Европа.

На гостувањето во Шпанија, приврзаниците на тимот од Амстердам направија хаос со фрлање на предмети на теренот и кршење на столици на трибините. Тоа донесе парична санкција за екипата во висина од 53.250 евра.

Домашниот тим извојува победа од 2-0, а при прославата на првиот гол, стрелецот Дејверсон Силва беше погоден во главата со тврд предмет. 

Од Ајакс следуваше реакција со идентификација на сторителите на овој немил момент. Тие ќе платат дел од казната и ќе добијат забрана за влез на „Јохан Кројф Арена“.

За помалку од една година, холандскиот прволигаш ја добива втората казна од УЕФА. Првата пристигна во октомври, поради дивеењето на навивачката група на гостувањето во Валенсија во Лигата на шампионите.