УЕФА ја разгледува опцијата да го исфрли Реал од ЛШ, ама постои еден проблем

Првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин истакна дека веќе се разгледува можноста Реал Мадрид, поради ставовите на Флорентино Перез, да биде исфрлен од Лигата на шампионите, но поради ТВ-правата шансите да се реализира такво нешто се многу мали.

Токму првиот човек на „кралевите“ се споменува како најголемиот иницијатор за формирањето на Суперлигата, која се распадна по само два дена од официјалниот старт.

„Постојат шанси да не се одигра полуфиналниот натпревар помеѓу Реал Мадрид и Челзи, но тие шанси се мали. Сезоната е во тек и телевизиите ќе бараат обештетување доколку не се одигра тој натпревар.

Вратите на УЕФА се секогаш отворени, но одредени клубови ќе мора да сносат последици. Сите се членови на нашата организација, но со некои луѓе мојот однос повеќе нема да биде ист. Сите ме разочараа, но да речеме дека Барселона најмалку. Жоан Лапорта немаше ништо во свои раце и го направи вистинскиот потег, одлучувајќи членовите на клубот да одлучат за сè“, рече Чеферин.

Странските медиуми шпекулираат дека Реал Мадрид и Јувентус би биле клубовите кои најмногу ќе заработеа од новото натпреварување, а како што рече Чеферин кој го видел распоредот за Суперлигата, токму овие две екипи се единствените кои ќе играат секоја седмица.