• Мартин Танасковски
Фудбалскиот клуб Шкендија од Тетово доби казна од УЕФА заради истакнување на транспаренти кои немаат врска со спорт за време на првиот домашен меч против Шелбурн од Ирска во Конференциската лига на УЕФА.
Клубот објави дека официјално го примил решението од Дисциплинското, етичкото и контролното тело на УЕФА, во врска со истакнувањето на транспаренти кои, според проценките на европската куќа на фудбалот, не биле во согласност со спортскиот дух.
Според донесената одлука, Шкендија е казнета со парична глоба во износ од 20.000 евра, а како дополнителна мерка, се наложува и делумно затворање на стадионот, конкретно секторот 11, за секој нареден натпревар од европските купови каде што клубот ќе биде домаќин.
Оваа санкција околу затворањето на стадионот, сепак, е условна, таа ќе стапи на сила доколку во следните две години се повторат слични прекршувања на регулативите и етичките норми на УЕФА.




