УЕФА исфрли клуб од евро-куповите заради местење!

УЕФА донесе строга одлука против чешкиот клуб Карвина, кој нема да настапува во сезоната 2026/2027 на Лига Европа. Европската куќа на фудбалот соопшти дека клубот не ги исполнил условите за учество поради вмешаност во активности поврзани со местење или влијание врз резултати на натпревари во домашното првенство.

Одлуката ја донесе Жалбеното тело на УЕФА на 2 јули, повикувајќи се на членот 4.01(g) од правилникот за Лига Европа, кој предвидува исклучување на клубови што директно или индиректно биле вклучени во манипулирање со натпревари. По оваа санкција, Итниот панел на УЕФА изврши промени во распределбата на местата што им припаѓаат на чешките клубови во европските натпреварувања.

На местото на Карвина во плејофот за Лига Европа ќе настапи Викторија Плзен како нов претставник на Чешка. Поради оваа промена, Храдец Кралове ќе го заземе местото на Викторија Плзен во второто квалификациско коло од Лига Европа, каде што ќе игра против норвешки Тромсo. Воедно, Јаблонец добива можност да настапи во второто квалификациско коло од Конференциската лига, каде што ќе се сретне со хрватски Вараждин.

Викторија Плзен, пак, својот противник во плејофот за Лига Европа ќе го дознае по ждрепката што ќе се одржи на 3 август.