УЕФА им излезе во пресрет на фановите и ги „замрзна“ билетите за финалето во ЛШ

Европската фудбалска унија (УЕФА) официјално соопшти дека цените на билетите за финалниот меч во Лигата на шампиони, кој ќе се одигра на 30 мај во Будимпешта, ќе останат на исто „ниво“ како минатата година.

Овој потег е дел од напорите настанот да биде подостапен за навивачите и да се намали влијанието од препродажба на влезници по астрономски високи цени. 

Навивачите на двата клуба што ќе играат во финалето ќе можат да купат билети за пониските категории. За најевтините билети, како и за оние наменети за луѓе со инвалидитет, цената останува иста. 

УЕФА исто така воведе ограничувања за препродажба, така што билетитe што се продаваат преку официјалната платформа мора да се нудат по номинална вредност, без дополнителни надоместоци за продавачот.

За да се спречи злоупотреба, дел од билетите ќе бидат дадени преку глобална лотарија, каде што одбраните навивачи ќе мора да ја користат својата пријавена мобилна апликација за влез на стадионот, бидејќи билетите нема да бидат преносливи на друго име. 

Најевтините билети за финалниот натпревар во Лигата на шампионите ќе чинат 70 евра.