УЕФА го забрзува воведувањето на новиот формат во Лигата на шампионите

ЛШ УЕФА

Два дена траеше приказната околу европската Суперлига. Големите европски клубови се откажаа од идејата да формираат натпреварување надвор од надлежностите на УЕФА.

Како одговор на тоа, Александер Чеферин, првиот човек на Европската фудбалска федерација, го најави новиот формат во Лигата на шампионите. Тој треба да се применува од сезоната 2024/25.

Многу медиуми најавуваат дека тоа би можело да се случи и порано. Наводно првите луѓе на европскиот клупски фудбал размислуваат да го применат форматот со цел да одговорат на обидот да се формира Суперлига.

Наместо 32, во иднина ќе гледаме 36 учесници во ЛШ, а ќе се укине и традиционалната групна фаза. Првиот шешир би бил составен од шампионите од претходните сезони, додека следните три би биле утврдени врз основа на коефициентот на УЕФА. Екипите од првиот шешир би играле два натпревари против екипите од првиот шешир, три против екипите од вториот, три против екипите од третиот и два против екипите од четвртиот.

Првите осум на табелата одат во нокаут фазата, тимовите од 9-то до 24-то место ќе играат двомеч за да се пласираат во осминафиналето, додека поразените ќе заминат во Лигата на Европа. Екипите кои ќе се пласираат од 25-то до 36-то место ќе бидат елиминирани од натпреварувањето.