УЕФА го скрати изборот: Вардар ги доби шесте можни ривали во Лигата на шампионите!

Македонскиот шампион Вардар утрово ги доби можните противници за првото квалификациско коло од Лигата на шампионите, откако УЕФА ги објави подгрупите пред ждрепката која ќе се одржи во Нион.

„Црвено-црните“ ќе добијат еден од шесте потенцијални ривали, а на списокот се наоѓаат екипи од Ирска, Финска, Летонија, Естонија, Северна Ирска и Велс. Можни противници на Вардар се: Шамрок Роверс (Република Ирска), КуПС (Финска), Рига РФС (Летонија), Флора Талин (Естонија), Ларн (Северна Ирска), ТНС (Велс).

Станува збор за екипи кои во изминатите години редовно настапуваат на европската сцена и важат за незгодни ривали уште во стартот на квалификациите. Особено се издвојуваат Шамрок Роверс, Рига и КуПС, клубови кои имаат значително поголемо европско искуство и неколку успешни кампањи зад себе.

Првите натпревари на програмата се на седми и осми јули, а реваншите седум дена подоцна.