• Мартин Танасковски
УЕФА го казни Фенербахче со десет милиони евра поради сериозни неправилности и манипулации во финансиското работење на клубот. Според извештаите, Комисијата на УЕФА задолжена за финансиска одржливост и контрола на платите, трансферите и агентските провизии открила повеќе сомнителни детали во договорите на Жозе Мурињо, Керем Актуркоглу, Милан Шкрињар и Диего Карлос.
Најголемо внимание привлекол случајот со турскиот репрезентативец Керем Актуркоглу, кој минатото лето пристигна од Бенфика. Иако реалната нето-плата на Актуркоглу изнесувала 5.2 милиони евра годишно, во документите доставени до Фудбалскиот сојуз на Турција бил пријавен со месечна плата од само 1.907 турски лири или околу 35 евра, што претставува законски минималец во турскиот фудбал.
Според истрагата, вистинскиот износ бил прикриен преку договори за „маркетиншки права на лик и дело“, финансирани од турскиот бизнисмен Хакан Сафи, поранешен член на Управниот одбор на Фенербахче.
„Ќе ги покријам трошоците за маркетиншките права и менаџерските провизии за Керем Актуркоглу. Тоа нека биде мој подарок за Фенербахче“, изјавил Сафи во одбраната на клубот.
УЕФА, сепак, оценила дека станува збор за обид за заобиколување на правилата за лимит на плати и даночни обврски. Според пресметките, за плата од 5.2 милиони евра, клубот требало да плати значително повисоки даноци и придонеси. По деталната контрола, УЕФА заклучи дека Фенербахче ги прекршил правилата за финансиска одржливост, по што следуваше казната од 10 милиони евра.
