• Горан Упале
Фудбалската репрезентација на Швајцарија на 25 март ќе гостува во Нови Сад каде во рамките на квалификациите за ЕП 2024 година ќе одигра натпревар против Белорусија!
Ова е одлука на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), бидејќи Белорусија е под санкции и не може да игра натпревари на домашен терен. Причината е поддршката на оваа земја на Русија во конфликтот со Украина.
Сепак, одлуката да се игра во Србија е изненадувачка, со оглед на историјата на натпреварите меѓу Србија и Швајцарија на последните две светски првенства. Швајцарија ја елиминира Србија од понатамошното натпреварување и во Русија и во Катар. Тие дуели ги одбележаа инциденти и провокации во кои во главна улога беа Гранит Џака и Џердан Шаќири, швајцарски репрезентативци по потекло од Косово.
Останува да видиме дали УЕФА ќе остане на својата одлука, бидејќи јасно е дека Белорусија сигурно ќе има огромна поддршка во Нови Сад, а прашање е дали сè ќе помине без инциденти.