УЕФА ги казни за поддршка на Русија, па ќе играат „дома“ во Србија

Фудбалската репрезентација на Белорусија претрпе санкции поради поддршка на Русија во конфликтот со Украина, па ќе мора домашните натпревари во Лигата на нациите да ги игра надвор од своите граници.

Европската фудбалска унија (УЕФА) не ги суспендира Белорусите, меѓутоа ќе мора да се игра на неутрален терен. Европската куќа на фудбалот информира дека домашните натпревари на Белорусија ќе се играат во Србија, во Нови Сад.

Според одлуката на УЕФА, натпреварите ќе се играат пред празни трибини. Фудбалската репрезентација се наоѓа во Лигата Ц, игра во групата 3.

Првиот натпревар е во петок против Србија, а три дена подоцна во Нови Сад тимот ќе биде домаќин на Азербејџан. Третиот натпревар исто така ќе се игра во Нови Сад, против Казахстан на десетти јуни.