УЕФА е под голем притисок, Македонија – Косово пред одложување?

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) почна да одложува важни фудбалски средби, а до стартот на наредната седмица, поточно до вторник, најавено е дека ќе донесе одлука околу натпреварите од плеј-офот од Лигата на нациите.

Коронавирусот брзо се шири низ Европа, а има и заразени спортисти. Сите елитни лиги соопштија дека ги прекинуваат првенствата, а УЕФА ги одложи и дуелите од Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Следна на дневен ред ќе биде Лигата на нациите.

Македонија во плејофот е домаќин на Косово, а првично беше најавено дека дуелот ќе се игра без публика. УЕФА не сакаше да ги одложува средбите, но е под притисок поради ситуацијата во светот и брзото ширење на проблематичниот вирус.

Дуелот меѓу Македонија и Косово треба да се игра на 26 март, а од ФФМ најавија дека чекаат на информации на стартот на новата седмица. Одложување преферираат и од Федерацијата поради неможноста да ги имаат на располагање сите играчи, а исто така одложување побараа и играчите и селекторот, кои истакнаа дека не сакаат историскиот меч да го играат пред празни трибини.

Неофицијалните информации кои ги пишуваат медиумите од Европа се дека сите дуели од плеј-офот во Лигата на нациите ќе се префрлат во месец мај.