УЕФА донесе важна промена: Финалето на ЛШ ќе се игра во дневен термин!

Европсската фудбалска унија (УЕФА) објави важна промена пред новата сезона на Лигата на шампионите. Терминот за почеток на финалето ќе биде поместен од 21:00 на 18:00 часот, почнувајќи од оваа сезона.

Финалето на Лигата на шампионите оваа сезона ќе се игра на 30 мај 2026 година во Будимпешта, а УЕФА верува дека поместувањето на почетокот на натпреварот за три часа порано ќе го подобри искуството за навивачите и играчите, а воедно ќе им овозможи на градовите домаќини да заработат повеќе пари и ќе ја оптимизира логистиката на самиот настан.

„Цел ни е денот на финалето на Лигата на шампиони да биде навистина пријатно искуство за сите што сакаат да бидат дел од настанот, а воедно ќе создадеме и пријатна атмосфера за семејствата и децата. Навивачите што патуваат на натпреварот ќе имаат полесен пристап до јавниот превоз, особено по натпреварот, а со тоа и побезбедно и поудобно враќање од стадионот.

За градовите домаќини, оваа промена ќе го зајакне позитивното економско влијание бидејќи навивачите ќе имаат можност да продолжат со своите прослави по натпреварот. Пораниот почеток на натпреварот исто така значи дека помладите гледачи кои ќе го гледаат натпреварот на телевизија ќе можат полесно да го чекаат крајот“, се вели во дописот на Европската куќа на фудбалот до медиумите.

Се очекува оваа промена да важи и за финалните натпревари на другите евро-купови.