• Мартин Танасковски
Европската фудбалска унија (УЕФА) е мета на тужба чија вредност надминува 20 милиони евра, поднесена од чилеанската консултантска компанија „MatchVision“, која ја обвинува организацијата за нелегално користење на нејзиниот формат за натпреварување, познат како „лига-фаза“ или „швајцарски модел“.
Тужбата, поднесена првично во април годинава во трговскиот суд во Мадрид, а потоа префрлена во Лозана, каде што се наоѓа седиштето на УЕФА, се однесува на системот кој од сезоната 2024/25 ќе се применува во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Лигата на конференции.
Основачот на „MatchVision“, Леандро Шара, тврди дека форматот е авторски заштитен во Чиле уште во 2006 година, и дека истиот го претставил пред претставници на УЕФА уште во 2013 година, како и на повеќе меѓународни спортски конференции. Според него, идејата за жреб по „шиќери“ и динамичен систем на натпревари потекнува токму од неговиот концепт, кој, како што вели, овозможува поатрактивно натпреварување и зголемен број на голови. „MatchVision“ бара оштета во износ од 20.005.551 евра, додека Шара лично бара уште 200.000 евра плус камати за изминатата, тековната и наредната сезона.
Од УЕФА ги отфрлија сите обвинувања, нарекувајќи ги „неосновани“ и најавија дека ќе го бранат својот став пред судот во Лозана. Европската куќа на фудбалот инсистира дека системот што ќе се користи од следната сезона е резултат на интерна анализа и развој, а не на туѓ интелектуален труд.



