УЕФА даде „зелено светло“ за кам-бек на руските младински репрезентации

Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) донесе одлука со која повторно им се дозоволува настап на руските репрезентации во сите натпреварувања, но само во младинските категории.

Руските момчиња и девојчиња не смееја да се натпреваруваат со своите врсници откако започна воената инвазија на Украина, но УЕФА конечно даде „зелено светло“ и сите тимови од У15 до У21 одново ќе имаат шанса за настап во квалификациите за ЕП и СП, како и во Лигата на нации.

Од УЕФА изјавија дека долго размислувале за одлуката, но решиле дека децата и младинците не треба да бидат жртви на политички пресметки и одлуки, па затоа им дозволија на младите репрезентации повторно да се најдат во друштво на сите останати. Оваа одлука не се однесува на сениорскиот тим на Русија, и за „зборнаја“ сѐ уште важи целосната суспензија од сите натпреварувања.