Убав гест на пелистерци: Дружење со најмладите и совети за идните фудбалери (ФОТО)

Фудбалскиот прволигаш Пелистер, денес имаше интересни млади гости од ОУ „Коле Канински“, кои се дружеа со фудбалерите и стручниот штаб на „зелено-белите“. 

Од таборот на битолскиот клуб изразија големо задоволство од посетата и соопштија дека им било чест да се дружат со идните генерации кои добија совети и сугестии да бидат добри ученици и успешни спортисти.

„Ние како клуб секогаш сме среќни и горди кога се работи за мали дечиња и кога треба да им покажеме како одблиску изгледа целиот процес на еден фудбалер и што сѐ е потребно за да бидат успешни спортисти.

За еден добар спортист, важно е да се биде и добар ученик. Формалното образование е најголемата вредност во животот на спортистот.

Дечињата имаа желба да се дружат и фотографираат со фудбалерите од првиот тим, ги интересираше како функционира еден фудбалски клуб, а дополнително имаа огромна заинтересираност и прашања за фудбалската професија, за тренажниот процес и за тоа како се станува добар фудбалер и спортист. Дечињата беа посебно горди дека дел од нивните фудбалски идоли беа ученици од ООУ„ Коле Канински“ од Битола.

На сите прашања имаа одговор од нашите фудбалери и од нашиот стручен штаб кои на најдобар начин ги пречекаа дечињата и им го посветија целото внимание“, стои во клупското соопштение. 

Од битолскиот прволигаш истакнуваат дека нивниот клуб и младинската школа секогаш се отворени за сите заинтересирани мали дечиња како и за нивниот развој во фудбалскиот процес. Дечињата од ОУ „Коле Канински“ беа придружувани од нивната наставничка, Ирена Богданоска.