• Саше Љолес

Бразилскиот фудбалер Даглас Переира беше член на повеќе екипи во кариерата, меѓу кои и Барселона. Дефанзивецот немаше премногу светла етапа во Каталонија, а потоа кариерата ја продолжи во Спортинг Хихон, по што следуваше преселба во Турција.
Переира се најде во центарот на вниманието, откако бразилските медиуми објавија дека тој бил уапсен од локалната полиција поради инцидент во кој употребил огнено оружје. Тој бил гостин на брод кој пловел по езерото Параноа, но го напуштил поради расправија со остатокот од гостите.
Former Barcelona right-back Douglas Pereira is due in court in Brazil after he was arrested last month. The 32-year-old fired an unauthorised firearm, as per Globo Esporte. #Barca pic.twitter.com/lsPMDqc3AZ
— Football España (@footballespana_) May 25, 2023
Кога играчот бил „истоварен“ на паркингот пред пристаништето, од својот автомобил извадил пиштол и почнал да пука во воздух. Потоа го вперил пиштолот и кон гостите на бродот, а сето тоа било доволно за да реагира полицијата која веднаш го привела фудбалерот. Переира успеал да го сокрие пиштолот пред да пристигне полицијата, но сепак ќе одговара кривично за две серозни дела, „неовластено користење на оружје“ и „поседување оружје без дозвола“. Тој минал два дена во притвор, по што бил пуштен да се брани од слобода, а првото рочиште за случајот е закажано за први јуни годинава.
Затворските казни за вакви дела во Бразил предвидуваат „престој“ зад решетки во времетраење од шест месеци до пет години, во зависност од сериозноста на делото и прекршокот. Адвокатскиот тим на фудбалерот работи на случајот и се надеваат дека ќе успеат да ја ублажат казната за играчот, кој според нив, би требало да биде само условна, затоа што Переира нема други прекршоци во минатото. Останува на судот во главниот град Бразилија да ја донесе конечната одлука која се очекува некаде на крајот на јуни.
Даглас Переира во својата кариера играше за неколку европски клубови. 32-годишниот одбранбен фудбалер започна во Сао Паоло, а потоа беше дел од Барселона, Спортинг Хихон, Бенфика, Сиваспор и Бешикташ. Последната сезона ја одигра во дресот на истанбулскиот гигант, а кариерата ја заврши во 2020 година. За екипата на Барселона настапи на само три официјални натпревари.