Турски клуб го бара Енис Барди како засилување за Лига Европа!

Турскиот прволигаш Самсунспор сериозно се активира на трансфер-пазарот и ја започна офанзивата за ангажман на македонскиот репрезентативец Енис Барди.

Откако клубот на Барди, Бодрумспор, испадна во Втората лига на Турција, речиси сигурно е дека фудбалерот од средниот ред ќе си замине летово, а Самсунспор сака да ја искористи таа можност и да го донесе во своите редови.

Во изминатата сезона, Самсунспор се пласира на третото место во Суперлигата на Турција, зад Галатасарај и Фенербахче, но пред Бешикташ, што им обезбеди учество во европските квалификации ова лето. Токму затоа, раководството на клубот го гледа Барди како едно од главните засилувања за настапите во Лига Европа.

Инаку, Барди не е непознат за турскиот фудбал – претходно настапуваше за Трабзонспор, а фудбалската јавност најдобро го памети по блескавите настапи во шпанската Ла Лига со Леванте, каде што се етаблираше како врвен техничар и специјалист за прекини.

Доколку трансферот се реализира, Самсунспор ќе добие играч со искуство, креативност и голема интернационална вредност, што би можело да биде клучен чекор во нивната европска авантура.

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.