Турски гигант нуди огромна сума за трансфер на „Македонецот“ Костов!

Василије Костов би можел да биде следниот голем трансфер на Црвена Звезда, откако од Турција пристигнуваат информации за сериозен интерес од гигантот Галатасарај.

Според турските медиуми, клубот од Истанбул веќе испратил понуда до белградскиот тим во вредност од 25 милиони евра, а во договорот би бил вклучен и процент од идната продажба на Костов. Белградскиот клуб наводно бара да задржи и 15 отсто од следниот трансфер.

Интересот за младиот фудбалер не е нов. Костов веќе подолг период е следен од повеќе европски клубови, но Галатасарај досега покажал најголема конкретност и понудил најмногу пари.

Во трката за неговиот потпис неодамна се споменуваше и Интер. Италијанскиот гигант, според досегашните информации, бил подготвен да понуди околу 20 милиони евра, со идеја Костов веднаш да биде испратен на позајмица во Каљари.

Токму затоа понудата од Галатасарај би можела да биде особено интересна за Црвена Звезда. Сепак, постои и дополнителен фактор кој би можел да ги искомплицира евентуалните преговори.

Односите меѓу навивачите на Црвена Звезда и Галатасарај се исклучително чувствителни поради трагичната смрт на навивачот на белградскиот клуб Марко Ивковиќ во Истанбул.

Поради тоа, останува неизвесно дали Црвена Звезда би сакала да влезе во директни преговори со турскиот гигант, а подеднакво важно е и каков став би имал самиот фудбалер. 

Доколку понудата од 25 милиони евра плус 15 проценти од идниот трансфер навистина е на маса, Звезда ќе има сериозна дилема - да прифати огромна сума за млад играч или да продолжи да верува во неговиот развој и во иднина да бара уште поголема заработка. 

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.