Турција ќе има нов селектор: Луческу спогодбено го раскина договорот 

Турција ќе добие нов предводник, откако денес тамошната Фудбалска федерација соопшти дека искусниот стратег Мирчеа Луческу не е повеќе селектор на репрезентацијата. 

По долготрајните разговори, двете страни се решија на предвремен раскин на договорот, кој имаше важност до август оваа година. 

„Сакаме да му се заблагодариме на Луческу за работата со националниот тим и за довербата која им ја даде на младите фудбалери. Му посакуваме сè најдобро во иднина“, пишува во соопштението на федерацијата. 

73-годишниот романски стратег во 2017 година ја презеде селекцијата на Турција, ја водеше на 17 натпревари во кои забележа само четири победи, шест ремија и седум порази.