Тухел: Таков е животот кога си во Баерн Минхен, мора да останеме на ниво

Како и обично, фудбалерите на Баерн Минхен, барем кога е германскиот фудбал во прашање, покажаа дека најдобро реагираат во најтешките ситуации. Во саботата во спектакуларниот „Дер класикер“ на „Алијанц арена“ во Минхен ја совладаа Борусија Дортмунд со резултат 4-2 и се искачија на врвот на табелата.

Оваа победа беше извојувана на дебито на новиот тренер Томас Тухел, кој по дербито од новинарите беше запрашан дали Баерн сега игра „во стилот на Томас Тухел“.

„Не се работи за стилот на Томас Тухел или нешто слично. Мора подобро да се прилагодиме на ритамот, подобро да се рашириме и подобро да ја контролираме играта. Сакам поголем посед на топката и поголема контрола врз натпреварот, отколку што беше случајот со Борусија.

Оваа победа значи дека се искачивме на врвот на табелата. Таму сакаме да бидеме и сега ни претстои трка до крајот на шампионатот. Мораме да бидеме на нашето ниво секоја недела, не еднаш или двапати. Таков е животот кога си во Баерн Минхен. Важно е сè да е во наши раце“, рече Тухел.

Баерн во вторник на свој терен ќе го пречека Фрајбург во четвртфиналето на Купот на Германија, а само четири дена подоцна ќе игра на гости против истиот ривал.