• Иван Димовски
Селекторот на фудбалската репрезентација на Англија, Томас Тухел, испрати јасна порака до играчите кои не се најдоа на списокот за октомвриските натпревари, нагласувајќи дека мора да бидат мотивирани од желбата повторно да се вратат во националниот тим. Англија во саботата славеше убедлива победа над Велс со 3-0 на „Вембли“, а во вторник ја очекува квалификациски дуел за Мундијалот 2026 против Летонија во Рига.
„Што треба да чувствуваат оние кои не се во составот кога гледаат како Англија игра? Желба да се вратат, волја повторно да бидат дел од екипата. Во фудбалска нација како што е Англија секогаш има голем број талентирани играчи и мора да се носат тешки одлуки. Оние што се сега со нас треба да се чувствуваат привилегирано, но и да покажат желба да го задржат дресот.
Тие што не се во тимот треба да почувствуваат порив да бидат дел од него кога ќе се укаже следната прилика. Вратите секогаш се отворени, сè зависи од однесувањето и учинокот“, додаде селекторот.
Тухел објасни дека решил да го задржи костурот на тимот од септемврискиот прозорец бидејќи бил задоволен од реакцијата на играчите и на теренот и надвор од него. На списокот овојпат ги нема Џуд Белингем, Фил Фоден и Џек Грилиш. Белингем и Фоден ги пропуштија претходните натпревари поради повреди, додека неповикувањето на Грилиш, кој е во одлична форма во Евертон, предизвика бројни реакции во англиските медиуми.
Англија ќе обезбеди пласман на Светското првенство во 2026 година доколку во Рига ја совлада Летонија на два кола пред крајот на квалификациите.
