Тухел со храбра изјава: Овој Баерн може да освои сѐ, дури и англиската Премиер лига!

Новиот тренер на Баерн Минхен, Германецот Томас Тухел зборуваше за медумите по неговото официјално претставување како кормилар на баварскиот гигант. 49-годишниот стручњак беше полн со оптимизам и со огромен ентузијазам ја започнува новата авантура во кариерата. 

Тухел дојде во Баерн откако неочекувано беше отпуштен Јулијан Нагелсман, а и самиот не криеше дека уште многу одамна се родила огромната желба да го предводи најтрофејниот германски клуб. Меѓу останатото, за својот тим рече дека е најдобар што може да се замисли и дека Баерн Минхен е способен да освои буквално сѐ што постои. 

„Клубот е предодреден за успеси, едноставно нашата ДНК е таква. Баерн секогаш е гладен за трофеи и ние мораме заедно да ја продолжиме оваа горда традиција. Јас знам во каков тим дојдов, ова се најдобрите момци што можеш да ги посакаш. Имаме огромен потенцијал и мислам дека оваа екипа може да освои буквално сѐ, па дури и англиската Премиер лига“, изјави Тухел, по што следуваа насмевки на лицата на новинарите. 

Новиот тренер исто така рече дека едвај чека да започне со работа во Баерн и да почне да ги составува „коцките“ за најтешките предизвици од сезоната. 

„Ова е огромна одговорност, но јас сум убеден во своите квалитети и квалитетите на играчите. Ова беше лесна одлука, Баерн нуди прекрасни услови за работа, а и јас самиот одамна имав желба еден ден да сум тука и да пробам да оставам печат во богатата историја на клубот. Повеќе причини беа клучни за моето доаѓање, а една од нив беше секако и тоа што ќе бидам многу поблизу до моето сакано семејство“, заклучи Тухел. 

Баерн Минхен сѐ уште се бори на сите фронтови и е еден од главните фаворити за освојување на Лигата на шампионите сезонава. Томас Тухел добива огромен товар на плеќите, но Германецот е со доволно богато резиме за да може соодветно да одговори на потребите на баварскиот гигант.