Тухел: Штета што Нејмар е казнет, „гори“ од желба да настапи против Рен

Големата фудбалска сцена во Франција почнува денес со Суперкупот меѓу ПСЖ и Рен. Дуелот во Кина е убава можност за на дело да се видат засилувањата на Тухел и тоа против екипа која е „пеницилин“ за „светците“.

На прес-конференцијата германскиот тренер потврди дека Нејмар нема да настапи само заради казната по финалето на Купот на Франција во мај годинава.

„Нејмар е во топ форма, во неговата препознатлива форма. Неговиот дух е одличен, се однесува нормално, сака да игра и вчера на тренинг тоа ми го потврди. Но, за жал казнет е за првиот официјален натпревар и со нас ќе биде и ќе ни помага од клупата“, вели тренерот на „светците“.

Капитенот Тиаго Силва, и покрај малиот број на тренинзи, сепак ветува дека ќе даде максимум за првиот трофеј сезонава да заврши во витрините на ПСЖ.

„Многу важно е да го победиме првиот натпревар и сезоната да ја почнеме со трофеј. Рен е многу интелегентна екипа и максимално ја користи својата физичка и ментална сила“, рече Бразилецот. 

ПСЖ ги освои сите Суперкуп титули откако е шампион на Франција под капата на катарските сопственици.