Тухел „полудел“ на тренингот на Баерн, тренерот бесен го напуштил кампот!

Атмосферата во тимот на Баерн Минхен е далеку од идеална, а тензиите се зголемија откако гигантот испадна од Лигата на шампионите и остана во трка за само еден од трите можни трофеи сезонава, а тоа е титулата во Бундеслигата. 

Томас Тухел пред само месец дена дојде на кормилото на Баерн откако го замени Јулијан Нагелсман, но новиот тренер сè уште не успева да го крене тимот од лошата форма, а навивачите се разочарани од игрите што ги прикажуваат нивните миленици. Неколку германски медиуми пишуваат дека ситуацијата ескалирала на последниот тренинг на Баварците, а тренерот Тухел го истурил бесот врз играчите и лут заминал по завршувањето на сесијата. 

„Билд“ пренесува дека тренерот не бил воопшто задоволен од тоа што го видел на тренингот и ги загубил нервите кога морал да „поправа“ многу грешки што ги правеле играчите за време на меѓусебниот тренинг-меч на тимот. На сликата јасно се гледа како Тухел со колено крши еден од слалом-стаповите за маркирање, а лутината продолжила и откако заминал од центарот на Баерн. 

Германските медиуми потсетуваат дека договорот на Тухел е со важност до 2025 година, но велат дека ако продолжи со ваквото однесување, голема е можност да не го дочека крајот на соработката со Баварците и многу порано да го напушти клубот. Ситуацијата во соблекувалната не е воопшто сјајна, неколкумина играчи се во очајна форма, а сето тоа дополнително ги загрижува навивачите на Баерн кои се надеваат дека нивниот тим ќе успее да триумфира барем во Бундеслигата сезонава. 

За потсетување, минхенскиот гигант во моментов е второпласиран на бундеслигашката табела и има заостанување од еден бод зад лидерот Борусија Дортмунд. До крајот на сезоната во Германија остануваат да се одиграат уште пет кола.