Тухел: Никогаш не ја загубивме гладта за успех против Реал Мадрид

Томас Тухел успеа да го внесе Челзи во битка за европскиот трон. Во Лондон падна Реал Мадрид (2-0), во меч во кој „сините“ одиграа атомски фудбал, со тотална доминација, посебно во играта во средниот ред и создавањето на шанси.

По средбата на „Стемфорд Бриџ“, Тухел им честита на играчите. Иако има и мала критика за играта, сепак, вели дека сега не е време таа да се изнесува јавно и потенцира дека она што Челзи го направил е за секоја пофалба.

„Заслуживме да победиме. Првиот дел беше тежок затоа што противникот имаше висок процент на посед на топка и ни создаде компликации, но секоја топка која одеше преку нас, беше доста опасна. Никогаш не ја загубивме гладта, желбата за одбрана. Во второто полувреме бевме уште подобри во тој дефанзивен дел и беше навистина фантастично - можевме да постигнеме гол многу порано и да бидеме безбедни, но сега не е време за критика. Направивме големо достигнување, честитки за тимот. 

Да се игра против Реал Мадрид ваков меч секогаш е опасно. Може да примиш гол во секој момент, тие знаат да ја претворат една навидум безопасна шанса во позиција за гол, па секогаш сте на работ. Посебно е тешко кога промашуваш шанси против нив и ако губиш фокус и позитивна енергија“, кажа Тухел.

Челзи ќе игра во европско финале повторно по сезоната 2018/19, кога играше меч за титула во Лигата на Европа и го освои првото место. Во Лигата на шампионите, пак, овој тим последен пат играше финале во 2011/12 и стана шампион во дуелот со Баерн Минхен.