Тухел: Морам да го штитам Нејмар, без разлика што говореше ова лето!

Францускиот гигант ПСЖ со сигурна победа ја стартуваше новата сезона на Лига 1. Избраниците на Томас Тухем немаа многу проблеми против новајлијата Ним, а Кавани, Мбапе и Ди Марија ги донесоа првите три бода за „светците“ во домашниот шампионот. 

Поради суспензија германскиот стратег не можеше да смета на првата ѕвезда Нејмар, кој пак со навредливи транспаренти беше „поздравен“ од трибините на „Паркот на Принцевите“. Токму за овие провокации од трибините по мечот зборуваше Тухел.

„Не ги слушнав, ниту ги видов. Бев фокусиран на играта, а по мечот помошниците ми ги покажаа. Дали ги разбирам навивачите? И да и не. Нејмар сè уште е наш фудбалер, мој фудбалер, а мојата работа е да ги штитам фудбалерите. Тој е во мојата соблекувалната. Се разбира дека неговите изјави во последниот период наидоа на големи критики и незадоволства од страна на нашите фанови, но тоа е негова работа“, рече Тухел. 

Повеќе од јасно е дека Нејмар сака да си замине од ПСЖ уште ова лето, но сè уште не се знае која ќе биде неговата нова средина. Најсериозни кандидати се Барселона и Реал Мадрид.