• Горан Упале
Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел, беше разочаран по ремито со Баер Леверкузен во петокот во дербито на Бундеслигата. Првиот човек на стручниот штаб на баварскиот гигант изјави дека неговите играчи треба почесто да се впуштаат во „индивидуални битки“ во текот на натпреварот.
По ова реми Баерн и Баер останаа изедначени на првото место на табелата со по десет бода.
„Се чинеше дека среќата е на наша страна, но потоа беше досуден пенал против нас. Секогаш боли кога ќе примите гол толку доцна во натпреварот. Беше фер резултат врз основа на она што се виде на теренот, но секако – секогаш сакаме три бода.
Првите дваесет минути игравме добро, но вторите 20 беа многу лоши и одбележани со бројни грешки. Имавме проблем да останеме компактни. Мора повеќе да ’гриземе’, повеќе да се фрламе во индивидуални битки“, изјави Тухел.
Во следното коло Баерн го пречекува Бохум, а во меѓувреме во среда ќе ги одмери силите со Манчестер Јунајтед во првото коло од групната фаза во Лигата на шампионите.